Почетна / Етно / Традиционална хомосексуалност и трансексуалност
Традиционална хомосексуалност и трансексуалност

Традиционална хомосексуалност и трансексуалност

Во пресрет на веќе традиционалната геј парада што утре треба да се одржи во Белград, а и на потенцијалното веќе традиционално крвопролевање, да потсетиме дека во различни култури постои различен однос кон хомосексуалноста и трансексуалноста.

Во племето Еторо од Папуа Нова Гвинеја, добро познато на антрополозите, хетеросексуалните односи се целосно забранети, освен во еден краток период од годината и се практикува исклучиво заради продолжувањето на видот. Придржувањето кон ова табу се потврдува со тоа што сите деца се раѓаат во приближно ист период од годината. Наспроти тоа, хомосексуалните односи меѓу мажите се практикуваат во текот на целата година. оваа обредна практика е заснована на верувањето дека спермата на младите мажи е во ограничени количини и заради тоа постарите мажи орално ги осеменуваат помладите, повторно заради одржување на видот.

Ако оваа обредна практика ви изгледа далечно и примитивно, распрашајте се за практиката на Балканот позната како „вирџина“. Вирџина е практика  со која во семејството во кое не се раѓаат машки деца едно од новородените женски деца добива улога на машко и во текот на целиот живот се воспитува да се однесува како „маж“, што подразбира и да заснова сопствено семејство. Вистинскиот пол на овие лица обично не се обзнанувал јавно, но практиката била општопозната кај многу балкански народи, повторно заради одржување на видот.

Оваа практика е инспирација и главна тема во филмот Вирџина на Срѓан Карановиќ, снимен 1991 година.

Зготвено од: FGMRVE

Коментарите се затворени.

На Почеток