Ако сте расположени за интелигентен јапонски хумор кој истовремено ќе ве насмее до солзи, но и ќе ви ги стопли срцата, тогаш култниот филм „Кикујуро“ (Kikujiro) е вистинскиот избор за вас. Зад ова остварување стои легендарниот јапонски режисер, сценарист и актер Такеши Китано, кој е светски познат по своите брутални и сериозни улоги во филмови за јакуза мафијата. Сепак, овој филм е нешто сосема поинакво, поразлично и многу поемотивно.
Приказната го следи малото момче Масао, кое живее со својата баба. За време на летниот распуст, тоа решава да тргне во потрага по својата мајка. Грижата за детето и патувањето му се доверени на нивниот чуден сосед Кикујуро – поранешен член на јакуза мафијата, кој е сè, само не одговорен старател. Наместо да купи билети за воз, тој веднаш ги коцка сите пари и тука започнува вистинската драма и комично снаоѓање по патиштата низ Јапонија.
Легендарната сцена со шајките на патот
Како да патувате низ земјата без денар во џебот? Кикујуро и една група моторџии кои ги запознава по пат смислуваат „генијален“ план за да добијат бесплатен превоз. Тие поставија шајки на патот и чекаа некој присилно да застане за да му го украдат возилото или да го принудат да ги превезе. Арно ама, планот не оди баш како што замислиле, а резултатот е една од најсмешните и најкарактеристичните сцени во јапонската кинематографија.
Лична приказна инспирирана од реалноста
Она што му дава посебна тежина на овој филм е фактот што Такеши Китано го посветува ова дело на својот покоен татко. Во едно свое емотивно интервју, Китано открил дека неговиот татко бил исклучително затворен човек и дека додека растел, татко му му прозборел само три пати во целиот негов живот. Низ ликот на Кикујуро, режисерот всушност се обидува да ја замисли и долови татковската фигура и необичната машка љубов и грижа која му недостигала во детството.
Ајде да ја погледнеме оваа извонредна сцена од филмот која ќе ви го разубави денот!
За тие што се заинтересираа за филмов еве го и трејлерот



