Српскиот лидер Александар Вучиќ веќе повеќе од една деценија ја крои судбината на Србија. Откако стана премиер во 2014 година, а потоа и претседател во 2017 година, тој успеа да изгради политичка доминација на која јавноста веќе целосно се навикна. Низ годините, неговата стратегија покажа дека тој можеби навреме сфати една клучна геополитичка реалност – дека Европа полека ја губи својата моќ и глобално влијание, па затоа фокусот на државната стратегија го насочи директно кон трите столба на светската моќ: Кина, Америка и по потреба, Русија.
Оваа успешна надворешна политика неодоливо потсетува на ерата на Јосип Броз Тито. Исто како некогашниот југословенски лидер, Вучиќ балансира на меѓународната сцена со неверојатна флексибилност, претворајќи ја Србија во мост каде што Истокот и Западот соработуваат, и покрај нивните глобални конфликти.
Најсвеж и можеби највпечатлив доказ за неговата дипломатска умешност е неверојатниот трговски успех со Вашингтон. Додека САД воведуваа строги трговски рестрикции и царини за десетици глобални економии, преку интензивни преговори, Вучиќ успеа да издејствува сите американски царини за српската стока да бидат укинати и намалени на нула проценти. Србија остана целосно исклучена од најновиот бран на американски давачки, што претставува исклучителен преседан во меѓународната трговија и отвора врата за стотици милиони долари нови странски инвестиции.
Еден од најневеројатните примери за шаховската дипломатија на Вучиќ е неговиот близок и одличен однос со албанскиот премиер Еди Рама. Гледано од надвор, ова пријателство изгледа целосно нелогично и парадоксално, со оглед на длабокиот, горлив конфликт околу независноста на Косово. Сепак, наместо постојани тензии, Вучиќ и Рама успеаја да изградат моќно регионално партнерство. Преку иницијативи како „Отворен Балкан“ и заеднички меѓународни настапи, тие покажаа дека можат да ги остават националните црвени линии настрана кога во прашање е економскиот интерес. Оваа соработка му овозможува на Вучиќ пред Западот да се претстави како клучна фигура за стабилноста на Балканот, додека домашно ја задржува цврстата позиција за Косово.
Вучиќ ја усоврши уметноста на правење „мерак“ на големите сили, без притоа да преземе реален ризик. Таков беше случајот со неговото патување во Киев, каде што се појави рамо до рамо со европските лидери во знак на солидарност со Украина. Со овој потег тој ги задоволи строгите барања на Брисел и Вашингтон за усогласување со европските вредности. Но, веднаш потоа следуваше неговиот препознатлив пресврт: Србија одби да ја потпише клучната резолуција за воведување санкции кон Русија. Вучиќ уште еднаш докажа дека неговата надворешна политика се води по принципот „седам на две столчиња“, извлекувајќи го максимумот од двете страни.
Формулата за успех во меѓународната дипломатија на Вучиќ честопати наликува на старата народна поговорка „Лета магарето, ама ниско“ – стратегија во која тој успева да ги убеди големите сили во сопствениот наратив, колку и да изгледа тоа неверојатно за надворешните набљудувачи. Најдобар доказ за ова е неговата дипломатска офанзива кон Вашингтон. Имено, американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social јавно сподели интервју на Вучиќ, каде што српскиот претседател гордо изјави дека Трамп е убедливо најпопуларниот странски политичар во Србија.
Со овој потег, Вучиќ успеа директно да допре до суетата на Вашингтон, претставувајќи ја Србија како најголемо американско упориште во Европа, што му носи огромни политички поени на меѓународна сцена. Во меѓувреме, тој успешно ги амортизира домашните притисоци; иако со години се соочува со внатрешни немири, протести на опозицијата и гласни барања за оставка, тој едноставно „си брка работа“ и ја користи оваа тактика за да остане цврсто на тронот.
Додека Вучиќ вешто маневрира со Белата куќа, за Пекинг веќе одамна е јасно – Србите се нивниот главен играч во Европа. Кина ја гледа Србија како свој главен економски и инфраструктурен мост на европскиот континент, што на Белград му обезбедува милијарди во директни инвестиции. Од друга страна, во оваа комплексна геополитичка сложувалка, односите со Русија во последно време бележат благо заладување. Иако традиционалното сојузништво сè уште формално постои, огромниот притисок од Западот и променетите геополитички околности го принудија Вучиќ тактички малку да се дистанцира од Кремљ, ставајќи го фокусот речиси целосно врз оската Вашингтон–Пекинг.
Важен столб на неговата регионална политика беше и блиското сојузништво со Виктор Орбан, со кого делеа слични суверенистички погледи. Сепак, прагматичноста на Вучиќ повторно излезе на виделина кога на унгарската политичка сцена дојде до историски промени со преземањето на власта од страна на новиот премиер Петер Маѓар. Српскиот лидер веднаш се прилагоди на новата реалност во соседството, па Србија и денес успева да одржи одлични и стратешки односи со Будимпешта. За Вучиќ, личните идеологии на соседите се секундарни – најважен е државниот сојуз и заедничкиот интерес на меѓународната сцена.
Како резултат на сите овие маневри, Србија за време на неговото владеење доживеа вистински економски бум, трансформирајќи се во главен индустриски и технолошки центар во регионот.
Интересна е историската паралела со Македонија. Во времето кога Александар Вучиќ ја градеше својата економска стратегија, тој во моделот на Никола Груевски гледаше најголем конкурент на Балканот. Вучиќ отворено призна дека година и пол се мачел да изнајде нови стратетегии за привлекување инвестиции за да може да понуди нешто подобро на светот од нашиот тогашен премиер и дека нашите економски зони биле ривал кој буквално им ги одземал потенцијалните инвеститори. Сепак, кога во Македонија се случи политичка промена и фокусот се префрли на внатрешната криза, Вучиќ вешто ја искористи таа празнина. Србија ја засили сопствената бизнис-клима, го презеде приматот во регионот и ги приграби клучните капитални инвестиции.
Денес, Србија на Вучиќ не е само економски лидер во регионот, туку и дипломатски феномен кој покажува како една мала балканска земја може да профитира кога игра паметно на шаховската табла на големите сили. А нашиов сосед очигледно се покажа како многу добар шахист кој секогаш гледа 25 до 30 потези однапред. Дали е тоа така или не ви оставаме на вас читателите сами да процените?
Ајде ние ветераните сега да се потсетиме на една детска песна за Тито од едно убаво и безгрижно време и за поубаво да се потсетите на времето, секако пожелно е ракиичка или пивце.



