Што барал синот на Черчил кај Тито во Дрвар?

Тито и главниот штаб на Дрвар 1944

Додека нацистичките бомби и падобранци паѓале врз босанското гратче Дрвар во раните утрински часови на 25 мај 1944 година, во општиот хаос, покрај партизаните, за својот гол живот трчал и еден крупен, тежок Британец во воена униформа. Тоа не бил обичен војник. Тоа бил мајорот Рандолф Черчил, синот на британскиот премиер Винстон Черчил.

Што барал синот на најмоќниот човек во Велика Британија во една зафрлена босанска пештера, опкружен со комунистички герилци?

Аристократ со чашка во рака меѓу строгите партизани

Рандолф Черчил не бил прототип на дисциплиниран воен офицер. Во Лондон бил познат како вистински боем, човек со тежок и арогантен карактер, кој обожавал добра чашка алкохол, коцкање и долги ноќни дебати. Тој пристигнал во Југославија неколку месеци пред нападот, на 20 јануари 1944 година, како дел од официјалната Британска воена мисија.

Партизаните, кои живееле под сурова воена дисциплина во шумите, во почетокот биле во тотален шок кога со падобран кај нив слетал овој британски аристократ. Рандолф постојано се жалел на пешачењето по козјите патеки и со себе носел навики кои биле целосна спротивност на партизанскиот начин на живот. Меѓутоа, неговата страст кон чашката му помогнала да најде неочекуван пријател. На теренот, Рандолф развил исклучително блиско пријателство со Константин Квашнин, советски разузнавач и диверзантски советник во руската воена мисија. Иако нивните татковини биле во скриена трка за влијание, љубовта кон алкохолот целосно ги зближила Британецот и Русинот.

Слика Рандолф Черчил

Сталин веднаш ја „прочитал“ играта

Ова сојузништво зад кулисите не поминало незабележано кај големите лидери. Кога во февруари 1944 година му било соопштено дека синот на Черчил скокнал со падобран во Југославија, Јосиф Сталин ладнокрвно прокоментирал: „Имајте на ум на дека синовите на премиерите не се појавуваат во штабови на други земји без конкретна цел“. Сталин веднаш сфатил дека Рандолф не е таму за воено новинарство, туку е испратен од татко му за тајно да го извлече Тито од „прегратката на Москва“ и да ја стави Југославија под британско влијание.

Драмата на Дрвар: Нокаут од Русинот за спас на животот

На денот на нападот – кој коинцидирал со роденденот на Тито – германските СС-падобранци во операцијата „Коњски скок“ паѓале од небото директно пред очите на Врховниот штаб. По војната се раѓале филмски митови дека Рандолф бил заробен, па Тито наредил јуриш по секоја цена за да го ослободи. Реалноста, сепак, била поинаква, но подеднакво брутална.

Иако официјалните британски извештаи молчат за овој настан, воените мемоари на советскиот разузнавач Константин Квашнин (објавени во руските историски записи), откриваат еден интересен настан…

Квашнин во своите мемоари пластично го опишува очајот на бегството по десантот: „Нè бркаа низ планините како стадо овци. Се движевме напред исклучиво ноќе, а кога ќе се денеше, се криевме“. Поради крупната градба, Рандолф едвај се движел и сериозно заостанувал зад групата.

Најоткачениот момент се случил на 8 јуни, кога групата морала да се спушти по една исклучително опасна и стрмна падина за да им побегне на Германците кои ги опколиле од три страни. Рандолф, кој во тие пеколни денови напнатоста ја лечел со алкохол, бил прилично пијан и среде ноќ на глас почнал да пее. Бидејќи со тоа ризикувал да ја открие нивната положба на нацистите, советскиот офицер Квашнин морал да реагира радикално. Со еден прецизен удар во главата, Русинот едноставно го нокаутирал синот на Черчил, го онесвестил и така нем го спуштиле со јажиња во безбедната долина. Откако стигнале во Бари и кога Рандолф се сотрезнил, воопшто не му замерил на својот руски пријател, туку цврсто му ја стегнал раката за спасениот живот.

Студената математика на големите сили: Југославија наспроти Грција и Егејска Македонија

Испраќањето на Рандолф во босанските врлети било ладнокрвна геополитичка калкулација на неговиот татко. За Западот, социјалистичките партизани на Тито биле идеални сојузници затоа што врзувале десетици германски дивизии на Балканот, па Черчил ја тргнал идеологијата настрана.

Но, дека во политиката на големите сили нема искрено пријателство туку само гол интерес, најдобро покажува паралелата со соседна Грција. Речиси во истото време, додека во Југославија Британците ги прегрнувале комунистичките партизани, во Грција воделе сосем поинаква, крвава битка.

Таму, за да ги заштити своите стратешки патишта на Медитеранот, Лондон отворено застанал зад десничарските сили, директно свртувајќи го оружјето против левичарските грчки партизани (ЕАМ-ЕЛАС). Во овие левичарски грчки единици, масовно и храбро се бореле и Македонците од Егејска Македонија, надевајќи се дека преку заедничката антифашистичка борба конечно ќе ги остварат своите национални права. Но, големите сили имале поинаков план. Черчил ја жртвувал левицата во Грција, бидејќи според неговите тајни договори со Сталин за поделба на влијанијата, Грција морала по секоја цена да остане во британската сфера, додека за Југославија се тргувало на половина.

Залогот на интересот

Рандолф Черчил во Дрвар не барал авантура. Тој бил „живиот залог“ на британскиот интерес – испратен за да му покаже на Тито дека Западот смета на него, сè додека неговите борци ја крвават нацистичката воена машина.

Кога по успешното бегство сојузниците конечно ги евакуирале на островот Вис, Винстон Черчил му испратил писмо на Тито со длабока благодарност што му го зачувал синот жив. Приказната за Рандолф во Дрвар ги урива сите локални теории на заговор дека Тито бил „британски шпион“. Реалноста била многу поедноставна, посурова и водена од едно златно правило на геополитиката: големите сили немаат вечни пријатели, имаат само вечни интереси.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *