Дваесет Хиени го опколија Лавот Олобор, арно ама не било се во бројките (Видео)

Лавот Олобор

Моќта на вистинскиот крал на животинското царство не се мери според тоа колку непријатели има пред себе, туку според неговото искуство, бестрашност и доминација во дивината.

Лавот Олобор си кулираше и тогаш … Но ајде најпрво да се потсетиме на Младиот Лав. Пред околу три месеци, на нашиот сајт имавте можност да погледнете видео кое ги потресе сите љубители на дивиот свет. Тогаш, еден млад и неискусен лав беше брутално нападнат од глутница од десетина хиени. Младиот лав се најде во тесна дефанзива и со мака си го спасуваше животот, сè додека неговиот брат не дотрча во последен момент и буквално го извлече од канџите на сигурната смрт.

Но, денешното видео ни носи сосема поинаква лекција – приказна за тоа што значи да се биде возрасен мажјак на врвот на синџирот на исхрана. Главниот протагонист во оваа брутална пресметка е добро познатиот доминантен мажјак Олобор.

Кој е Лавот Олобор и од каде го знаеме неговото име?

Многумина кои ги гледаат овие снимки се прашуваат како е можно воопшто да се знае името на еден див лав во Африка. Одговорот лежи во посветеноста на ренџерите, локалните водичи и истражувачите на дивиот свет во Кенија. Овој импозантен лав го носи името Олобор, што на локалниот јазик „Маа“ на племето Масаи во превод значи „Мирниот“. Тој беше дел од фамозната коалиција на лавови позната како „Black Rock“, група која со години суверено владееше со овие простори. Водичите во паркот ги препознаваат овие животни по специфичните лузни на нивните лица, обликот на нивната грива и територијата која ја означуваат. Така, Олобор со текот на времето стана вистинска интернационална ѕвезда и миленик на фотографите ширум светот.

Масаи Мара – Арената каде се сними оваа битка

Целата оваа спектакуларна акција е снимена во рамките на светски познатиот национален резерват Масаи Мара во Кенија. Ова место е познато како дом на најгустите популации на големи грабливци во светот, каде вековното ривалство меѓу лавовите и хиените секојдневно се преточува во сурови борби за територија и храна.

Оваа битка не остана сокриена благодарение на туристите кои биле излезени на утринско сафари. Неколку отворени теренски џипови полни со возбудени луѓе и професионални камери се нашле на само неколку метри од настанот. Во дивината, животните се навикнати на присуството на возилата и ги доживуваат како неутрални објекти, па затоа борбата се одвиваше без никаков страв пред очите на зачудените набљудувачи.

Лав против дваесет Хиени во Масаи Мара

Кралски мир во центарот на обрачот

Сликите од оваа средба се навистина фасцинантни. Олобор се наоѓа сам на чистина, додека околу него почнуваат да се собираат хиени. Една, две, пет… набрзо бројката се искачува на повеќе од 20 хиени кои формираат целосен, застрашувачки обрач околу него.

Во светот на дивата природа, ваквиот сооднос на сили (20 против 1) за речиси секое животно би значел сигурна смрт или панично бегство. Но, не и за Олобор. Наместо паника, овој возрасен лав покажува застрашувачки мир. Како вистински крал, тој „пет пари не дава“ за нивната бројност. Со ладнокрвен поглед ги набљудува како кружат, испраќајќи јасна порака дека тој е тој што ги контролира правилата на играта.

Суровата завршница: Џиповите не се спас за ранетите

Додека кланот хиени станува сè погласен и поагресивен во обидот да ја одбрани својата територија, Олобор решава дека е доста. Наместо да чека тие да нападнат први како во случајот со младиот лав од минатиот месец, тој тргнува во брутален контранапад.

Со неверојатна брзина и прецизност, лавот се нафрла директно врз една од хиените од кланот. Во само неколку секунди, Олобор со своите моќни вилици целосно ја „решава“ и тешко ја повредува несреќната хиена, кршејќи го нејзиниот отпор.

Во паника и очај, тешко повредената хиена почна да бара излез и за спасување се упати директно кон паркираните џипови со туристи, обидувајќи се да најде некаков вид на заштита под тркалата на возилата. Но, во суровиот свет на Африка, човекот е само неми посматрач. Правилата на националниот парк строго забрануваат каква било човечка интервенција во природните процеси. Водичите и туристите останаа во своите седишта, а повредената хиена брзо сфати дека привремениот криенка кај џиповите нема да ја спаси од гневот на повредениот крал.

Кога останатите 20 хиени видоа со каква леснотија падна нивниот соборец, во истиот момент сфатија дека си имаат работа со искусен убиец. Храброста на глутницата веднаш се стопи. Преплашени од силата на кралот, останатите хиени почнаа панично да се повлекуваат, сфаќајќи дека нивната бројност не значи ништо пред авторитетот на Олобор.

Погледнете ја оваа спектакуларна пресметка во видеото подолу:

Лавот Олобор пред да го зададе последниот удар.

Лавот Олобор сам

Лавот Олобор сам.

Тажниот крај на една легенда

За жал, овој моќен крал денес повеќе не чекори низ саваните на Кенија. На почетокот на 2024 година, Олобор официјално беше прогласен за исчезнат, а подоцна и за настрадан. Како и многу други лавови, тој најверојатно падна како жртва на т.н. „човечко-животински конфликт“ со локалните сточари надвор од безбедната зона на паркот.

До самиот крај на својот живот, тој остана еден од најпопуларните, најфотографираните и најследените лавови во историјата на Масаи Мара. Снимките како оваа се вечен споменик на неговата брутална сила, бестрашност и харизма со која владееше на африканскиот трон. Кралот можеби си замина, но неговата легенда ќе живее засекогаш.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *