И ако е од М’бапе и Јамал, многу е! Тие требало да ја добијат Златната топка? Хмм?

М'бапе, Јамал и Меси меме

Во фудбалот отсекогаш постоело едно непишано правило на големите мајстори: остави ја топката да зборува за тебе. Најдобрите фудбалери во историјата, оние кои со децении нè лепеа за екраните и нè тераа да купуваме билети, ретко кога самите излегувале пред микрофоните за да соопштат дека токму тие треба да ја добијат „Златната топка“. Нивната магија беше очигледна, а скромноста – одлика на нивната големина.

Но, времињата се менуваат, а со нив и егото на новата генерација фудбалери. Изгледа дека денешните млади суперѕвезди веќе немаат ниту срам, ниту трпение. Наместо да го сочекаат судот на јавноста, тие самите си ги водат сопствените маркетинг-кампањи. Последните изјави на младиот Ламин Јамал и неговиот повозрасен колега Килијан Мбапе се класичен доказ за тоа. И искрено – и од Мбапе и од Јамал е, многу е.

Јамал: Самопрогласениот наследник на Меси и Роналдињо

Младиот Ламин Јамал во интервју за L’Équipe започна со романтична дефиниција дека „Златната топка“ треба да ја добие оној што прави разлика и кој извлекува насмевка кај фановите, спомнувајќи ги Меси и Роналдињо. Но, веднаш потоа, без никаква скромност, реши самиот да се смести во таа категорија: „Сите кои следат фудбал, знаат дека јас ги имам најдобрите аргументи за да победам… мојот стил на игра е најдобриот аргумент“.

Зборови кои звучат неверојатно надмено за играч кој е на самиот почеток на својата кариера. Каде исчезна онаа стара фудбалска школа каде по натпреварот се велеше: „Најважно е тимот да победи, а индивидуалните награди ќе дојдат самите“?

Мбапе: „Би бил разочаран ако не победам“

Ако Јамал е младиот почетник во оваа его-игра, тогаш Килијан Мбапе е веќе „професионален политичар“. Французинот отиде дотаму што во изминатите недели направи вистинска медиумска турнеја, вклучувајќи го и последното интервју за RFI, за отворено да лобира за себе.

Мбапе без влакна на јазикот изјави: „Имав одлична индивидуална година и знам дека тоа е најважниот критериум… чувствувам дека ова е вистинската година за јас да ја освојам наградата“. Тој дури и се закани со своето повредено его, додавајќи дека „би бил многу разочаран доколку не победи, бидејќи неговиот натпреварувачки дух би бил сериозно повреден“.

Медиумите во светот веќе јавно коментираат дека изборот за „Златната топка“ почна да личи на политички избори каде играчите, наместо со голови и мајстории на теренот, гласовите од жирито ги просат со микрофон во рака.

Реакции во медиумите: Осуда од јавноста, заштита само од домашните табори

Ваквата нападна самопромоција предизвика лавина од негативни коментари. Бројни фудбалски легенди јавно ги искритикуваа двајцата фудбалери, нарекувајќи го нивното однесување „детско, претенциозно и без ронка големина“. Единствениот штит за Јамал пристигна од медиумите блиски до Барселона, додека зад Мбапе застанаа мадридските медиуми – и двата табора правдајќи ги своите ѕвезди дека тоа било само „здрава самодоверба“.

Но, дали е така? Модерниот фудбал очигледно создава инстант-ѕвезди кои уште пред да созреат како луѓе, веќе имаат огромни ега кои бараат постојано хранење со индивидуални признанија.

Границата меѓу големата самодоверба и чистата ароганција е премногу тенка. Ние им оставаме на нашите читатели самите да проценат дали ваквиот став на Мбапе и Јамал е прифатлив за модерен фудбалер или овојпат навистина претераа.

Скромноста на најдобрите замина во историјата

Кога ќе се погледнат овие нападни изјави, станува јасно дека фудбалската скромност дефинитивно замина во историјата. Постарите генерации уште се сеќаваат на времето кога најголемите признанија ги добиваа играчи кои беа гиганти на теренот, но тивки и скромни надвор од него.

Кога Роналдињо во 2005 година ја освои „Златната топка“ со својата препознатлива насмевка, тој не лобираше по медиуми, туку изјави дека „не е ни најдобриот во Барселона“, покажувајќи со прст кон младиот Меси. Кога Кака ја прими наградата во 2007 година, пред сè му се заблагодари на Бога и на соиграчите, потенцирајќи дека тимот е тој што го направил голем. Да не зборуваме за џентлмени како Лука Модриќ, кој во 2018 година скромно порача дека наградата ја посветува на сите оние играчи кои заслужиле, а никогаш не ја добиле оваа чест. Овие луѓе со својата понизност покажаа дека големината не се мери со гласноста на микрофонот.

Денес, за жал, вредностите се превртени наопаку. Трката по „Златната топка“ се претвори во натпревар по суета, каде преку ноќ се заборава дека фудбалот, пред сè, е тимски спорт.

Што мислите вие? Дали младите фудбалери денес изгубија секаков срам и премногу самите се рекламираат? Споделете ги вашите размислувања, коментари и ставови во коментари на нашата официјална Фејсбук страница – со задоволство ќе ја продолжиме дебатата таму!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *