Невидливи казни и експресни закани: Како ПОЦ им ги празни џебовите на Скопјани?

ПОЦ Центар казни за паркирање

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) пронајде нов начин за брзо полнење на касата, оставајќи ги граѓаните во шок со астрономски суми за плаќање за кои воопшто не ни знаеле дека ги должат. Нашата редакција дојде до документи кои ја откриваат оваа крајно нефер пракса.

Рок од само 24 часа пред да ве дадат на извршител!

Скандалозната шема на ПОЦ најдобро се гледа преку реалниот пример на наш сограѓанин од Карпош. На самата опомена пишува дека фактурата е издадена уште на 20.10.2026 година. Сепак, препорачаното писмо патува низ поштенскиот систем, па известувањето во неговото поштенско сандаче стигнува дури на 27 октомври. Тој веднаш заминува во поштата во Карпош 3 за да ја подигне пратката и кога го отвора писмото – шок! Крајниот рок за плаќање е веќе утре, 28.10.2026.

Ова е главната стапица за граѓаните! Бидејќи на известувањето од пошта обично пишува дека пратката може да се подигне во рок од 8 дена, некој лесно може да си помисли: „Ајде, во гужва сум, ќе отидам во пошта утре попладне или задутре“. Но, ако го направите тоа, додека вие воопшто го подигнете писмото за да дознаете за што се работи, рокот од ПОЦ веќе е истечен и тие истиот момент ве предаваат на извршител! Имате буквално помалку од 24 часа за реакција од моментот кога ќе го најдете картончето во сандаче.

Апсурдот со „невидливите“ казни и скриените трошоци

Случајот започнува кога службеникот на ПОЦ наводно затекнал неплатено возило во Капиштец уште во јули (06.07.2026). Наместо некаква брза опомена, тој веднаш издал Дневна паркинг карта (ДПК) која чини скапи 1.400 денари. ПОЦ со месеци ја криел оваа казна од возачот, за на крајот, на основниот долг од 1.400 денари да си допише уште 150 денари административна такса (за преземање податоци од МВР) и 150 денари манипулативен трошок за печатење на заканата. Сметката така магично стигнува до 1.700 денари.

Се поставува и логичното прашање: Како може ветерот да ја „дувне“ казната од автомобилот, кога контролорите вообичаено ја заглавуваат цврсто под бришачот? Ова е само евтин изговор за да се покрие лошиот систем во кој граѓаните намерно не се информираат навреме преку СМС, туку се чека да поминат месеци за да се наплатат дополнителни трошоци.

Колку ќе ве чини ако задоцните само еден ден?

Ако рокот од 24 часа ви побрка сметки и предметот отиде кај извршител, почетната казна од 1.700 денари експресно ќе порасне на над 6.500 денари! Еве ја грубата математика што ги чека граѓаните:

  • Основен долг кон ПОЦ: 1.700 денари
  • Нотарски трошоци (за донесување решение): околу 1.500 денари
  • Награда за извршителот и негови административни трошоци: околу 2.000 денари
  • Трошоци за блокада и деблокада на сметка во деловните банки: околу 1.200 денари

Вашата банална грешка за паркинг во јули, поради неодговорноста на ПОЦ да ве извести навреме, ќе ве чини цела една четвртина од минимална плата!

Дали е ова пракса на општината или се работи за изолиран случај

Каде е тука фер третманот? ПОЦ располага со модерни дигитални системи, но намерно не праќа СМС предупредување во јули, туку праќа извршители во октомври. Општината одбива да ја заврши својата работа и да не информира навреме, а за возврат ни се заканува со блокади.

Дали и вам ви се случило вакво нешто? Можеби ова е изолиран случај, но ако се јават уште вакви случаи мора да им укажеме на ПОЦ и општината дека ова треба да се промени. Не е спорно тој што направил прекршок да си плати за истиот, но да се ставаат граѓаните во цајтнот од еден ден за да платат казна од пред 4 месеци е многу нефер однос кон граѓаните. Можеби во ПОЦ има поединци и одговорни лица кои едноставно не си ја вршат работата како што треба, па со ваквото однесување ја срамат и брукаат целата Општина Центар пред јавноста.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *