Шпанија победи заслужено, но дали полека фудбалот го губи својот сјај и шарм?

Меме за најдосадното финале во историјата со прославата на шпанскиот гол и статистика за најмал број дриблинзи.

Финалето на Светското првенство во 2026 година меѓу Шпанија и Аргентина ќе остане запишано во историјата, но покрена и една голема дилема – дали полека фудбалот го губи својот сјај под притисок на тактиката? Шпанија е нов светски шампион, но вистинскиот губитник е самиот фудбал и милионите фанови ширум светот кои останаа гладни за фудбалска магија. „Црвената фурија“ до трофејот стигна со совршено програмиран, автоматизиран и речиси роботски фудбал, кој целосно ги елиминираше емоциите и импровизацијата. Наместо убавина, видовме сурова ефикасност каде секој чекор, секое додавање и секој фаул беа математички пресметоматски пресметани.

Финалето кое влезе во историјата како најдосадното и најсиромашното со дриблинзи на сите времиња

Последниот и најважен натпревар на Светското првенство во 2026 година помеѓу Шпанија и Аргентина слободно може да го понесе епитетот на најдосадното финале во фудбалската историја, што сега е и официјално потврдено преку суровите статистички бројки. Наместо спектакуларен фудбал, гледачите ширум светот беа сведоци на мачна и премногу тактизирана битка во која креативноста беше целосно убиена. И регионалните медиуми веднаш реагираа за досадното финале, па така во својата анализа хрватскиот Tportal со право запраша дали го гледавме најлошото финале во историјата, потенцирајќи го уривањето на сите неславни рекорди. Натпреварот заврши со рекордно ниски, незамисливи 11 успешни дриблинзи за цели 120 минути игра, што е убедливо најнизок ефект во модерната ера на Мундијалите. За споредба, историскиот просек на претходните светски финалиња изнесува помеѓу 25 и 30 успешни дриблинзи, што јасно покажува колку овој меч потфрли во однос на атрактивноста. Дури ниту светските мајстори за игра „еден на еден“ како Ламин Јамал (со 5 успешни дриблинзи) и Лионел Меси (со само 3) не успеаја да го пробијат деструктивниот дефанзивен бедем и постојаните тактички прекршоци. Со дополнителен анти-рекорд на Аргентина од нула упатени шутеви кон голот во регуларните 90 минути, ова финале дефинитивно се запиша во црната хроника на фудбалот како вистинска анти-пропаганда на најубавата игра.

Опструкција како уметност: Како беше „неутрализиран“ Меси

Најтажниот дел од финалето беше гледањето на немоќта на Лионел Меси, кој наместо со фудбалско знаење, беше сопрен со континуирани, наизменични тактички опструкции. Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте ја постави играта така што штом Меси ќе ја примеше топката, веднаш следеше фаул. Овие „ситни“, наизменични прекршоци на средината на теренот, изведени од различни играчи за да се избегнат картони, брутално го сечкаа ритмот на играта и ја убиваа секоја шанса за индивидуален блесок. Меси беше затворен во тактички кафез, а со тоа беше затворена и душата на фудбалот.

Системот пред поединецот: Дури и на Јамал му е забрането да дрибла

Најочигледен доказ за оваа фудбалска “роботизација” е третманот на Ламин Јамал. Најголемиот светски талент, момчето кое сонуваме да го гледаме како слободно дрибла и си поигрува со одбраните, беше целосно подредено на војничката дисциплина. На Јамал не му беше дозволено да солира. Секој пат кога ќе направеше чекор повеќе, системот го корегираше. Неговата задача беше едноставна и досадна: брзо ослободување од топката и строго покривање во дефанзива. Кога на еден ваков вонсериски талент ќе му ги скратите крилјата во име на тактиката, јасно е во кој правец се движи овој спорт.

Иднината им припаѓа на перфектните додавачи и атлети кои постојано трчаат

Ова финале испрати порака до идните генерации: во модерниот фудбал, само овој пристап носи резултати. Времето на играчи кои со еден потег решаваат натпревари, времето на уличниот дриблинг и фудбалскиот романтизам е официјално во историјата.

Победи тимот кој помалку грешеше во матрицата, а не тимот кој создаде уметност. Шпанија го зеде пехарот, но фановите си заминаа дома празни. Ако вака изгледа иднината на најважната споредна работа во светот, тогаш фудбалот полека, но сигурно, го губи својот најголем сјај – својата непредвидливост.

Илузијата на победата: Светот навиваше за „последниот Мохиканец“

Ако се погледне пошироката слика, од 1.5 милијарди луѓе што го гледале финалето (барем според официјалните бројки) веројатно повеќе од 70 проценти во ова финале со целото срце навиваа за Аргентина. Причината не беше геополитика, туку емоција – желбата уште еднаш, за последен пат, да се види магијата на Лионел Меси, последниот Мохиканец од ерата на вистинскиот, романтичен фудбал.

Иако Шпанија во секој поглед беше подобра, поконкретна и тактички посупериорна на теренот, начинот на кој стигна до целта остави горчлив вкус во устата на неутралните навивачи. Систематското уништување на играта на Меси преку постојани опструкции ја уби убавината која публиката ја заслужи во еден ваков спектакл.

Фудбалските аналитичари веќе јавно го креваат гласот против овој тренд. Коментирајќи го финалето и падот на атрактивноста кај големите тимови во раните нокаут-фази, познатиот англиски стручњак и поранешен репрезентативец Џејми Карагер во својата колумна за Telegraph остро го критикуваше ваквиот прагматичен пристап. Тој истакна дека модерниот фудбал на големите репрезентации станал жртва на преголем страв од ризик, каде менаџерите се плашат да им дозволат на креативците слобода во играта, што доведува до „премногу дефанзивни и шпекулативни тактики“ кои го уништуваат уживањето за гледачите.

На иста бранова должина беше и легендарниот коментатор на ITV и поранешен шкотски репрезентативец, Али МекКоист, кој за време на директниот пренос на ITV отворено застана во одбрана на фудбалската игра против деструктивните тактики. МекКоист со жалење констатираше дека Шпанија свесно се одлучи за „континуирани опструкции“, па дури и кога Аргентина остана со десет играчи, наместо фудбалска убавина, Шпанците продолжија со прагматично „давење“ на топката за да го сопрат какви било обиди на Меси да создаде магија. „Шпанија беше единствениот тим што навистина се обидуваше да победи на овој натпревар, но начинот на кој фудбалот се трансформира во игра на пресметани фаули и тактичко кршење на темпото е тажен за гледање“, истакна МекКоист.

Подемот на прагматизмот: Што ни носи иднината на светскиот фудбал под палката на модерни тактичари?

Ова финале отвора сериозна дебата за насоката во која се движи светскиот фудбал и каква иднина го очекува со селектори како шпанскиот предводник Луис де ла Фуенте, каде тактичката дисциплина и строгата контрола го заменуваат некогашниот романтизам. Модерниот репрезентативен фудбал сè повеќе наликува на шаховска партија во која примарна цел е целосно да се неутрализираат силните страни на противникот, со ризик да се жртвува убавината на играта. Иако Шпанија успеа да го освои трофејот, нивниот доминантен стил заснован на безбеден посед на топката, висок пресинг и брзо прекинување на противничките транзиции, покажа дека резултатот е единственото мерило за успех во оваа нова ера. Ако овој тренд на претпазливост и прагматизам продолжи да доминира кај водечките светски тренери, фудбалот ризикува да ги загуби импровизацијата и слободата кои ги создаваа најголемите спортски волшебници, претворајќи го најважниот натпревар на планетата во механички и здодевен процес за гледање.

Нешто како заклучок

Нека и е честита заслужената титула на Шпанија, но искрено се надеваме дека на наредното Светско и Европско првенство ќе се појави репрезентација која ќе успее да ја симне Шпанија и од европскиот и од светскиот трон. Единствена надеж засега ни е Зинедин Зидан, големиот фудбалски волшебник и можеби уште подобар трењер кој за среќа веќе е назначен за нов селектор на Франција. Се чини дека само тој може да ја вкомпонира индивидуалноста на суперталентираните француски фудбалери со современите тактички практични решенија и сепак да гледаме убав и атрактвен фудбал. Не е работата само да победиш, туку тоа да го направиш со убава и атрактивна игра каде ќе им дозволиш на фудбалерите и на гледачите да ја доживеат радоста на дриблингот и соло акциите. Се надеваме дека следниот европски или светски првак освен додавања на прва, ултра пресинг и освојување на простор ќе прикаже барем малку поатрактвна игра и повторно ќе го врати фудбалот на старата слава кога се денови и месеци се раскажуваа акциите и дриблизинте на големите играчи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *