По уште еден дебакл на домашен терен и убедливиот пораз од 0:3 против Швајцарија во Скопје, селекторот Гоце Седлоски повторно ја искористи добро познатата тактика — јавно да ги прозива фудбалерите дека „не покажале карактер“ и дека мора да се замислат како го носат националниот дрес. Но, дали вината навистина лежи во нив, или е време вистината конечно да се погледне во очи?
По цели девет месеци на функцијата, статистиката на Седлоски не е само поразителна, таа е историски срамна. На последните 5 натпревари под негово водство:
- Постигнати голови: 0 (Македонија нема дадено гол повеќе од 450 минути игра).
- Примени голови: 11.
- Офанзивна катастрофа: Македонија успеа да упати вкупно само 6 удари во рамките на противничките голови на сите 5 меча заедно!
- Анемична игра и посед: На синоќешниот натпревар против Швајцарија, нашите фудбалери завршија со 0 директни удари кон противничкиот гол. Контролата врз играта е непостоечка, а просечниот посед на топка во овие дуели едвај надминува 35%-40%, главно со пасивни додавања во нашата половина.
Ова не е само криза на фудбалерите. Ова е целосно тактичко дезориентирање. Седлоски можеби не е единствениот виновен, бидејќи тој едноставно ја нема онаа потребна харизма за да го покрене тимот, но вистинскиот проблем лежи во оние што го донесоа тука.
Каде започна сè? Кај погрешните одлуки на раководството
Овој брод почна да тоне уште во декември минатата година. Одлуката на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, неправедно да го отпушти претходниот селектор Благоја Милевски, денес се покажува како капитална грешка. Наместо континуитет, добивме импровизација.
Но, најголемата иронија е што јавноста и куќата на фудбалот своевремено брутално го напаѓаа и бркаа Игор Ангеловски – Мрме, човекот кој всушност со години беше најуспешниот македонски селектор. Мрме имаше силен авторитет, ги обедини фудбалерите, создаде хармонија во репрезентацијата и нè однесе на Европско првенство.
По катастрофални девет месеци, јасно е дека мора да се побара одговорност. Но, дури и да дојде до смена, прашањето е дали воопшто е достапно некое квалитетно име на пазарот? Дали во ова сивило во ФФМ може да се појави нов селектор со знаење и харизма кои би го вратиле тимот на победничките патеки?
Како што стојат работите тешко дека набрзо ќе видиме лидер на клупата каков што ни е потребен. А колку сме ние атрактивни како репрезентација и со средствата со кои располага федерацијата тешко дека ќе се најде странец селектор? Така да можеби некој нов Милевски кој има искуство со младите категории па така да се најде јунак. Без оглед на коментаров и посекауваме на нашата репрезентација, Седлоски и ФФМ да не демантираат и да не израдуваат во наредниот натпревар.



