Генијалниот облог на Адријано Челентано: Како една песна без значење стана хит број еден во Италија
Дали е возможно да напишете песна на јазик што воопшто не го зборувате, со зборови кои буквално не значат ништо, а таа сепак да стане огромен хит и да ги покори топ-листите? Ако сте Адријано Челентано – одговорот е едно големо ДА.
Во 1972 година, Челентано направи нешто незамисливо. Сакајќи да докаже колку фасцинацијата со американската поп-музика го имаше заслепено светот, тој се обложи со свој колега дека може да напише песна со само неколку вистински англиски зборови, а остатокот да биде чиста измислица, и таа повторно да биде хит број еден во Италија.
Резултатот од тој облог е култната пародија „Prisencolinensinainciusol“.
Челентано, кој во тоа време воопшто не знаел англиски јазик, го создал текстот користејќи лажна англиска фонетика (т.н. „гибериш“). Зад оваа забавна провокација се криел длабок лингвистички експеримент. Тој сакал да покаже дека во модерната музика, ритамот, интонацијата и енергијата се многу помоќни од самиот текст и дека луѓето ја чувствуваат музиката со срцето, а не со речникот. И во целата песна сеслушаат само неколку англиски зборови надвор од контекст. Но глумата и танцувањето во видеото е одлично.
Но, Челентано не само што го добил облогот, туку направил нешто уште поголемо. Поради брзиот, ритмичен говор врз тежок фанк и рок ритам, денес музичките критичари го сметаат ова парче за еден од првите претходници на рапот и хип-хопот во светот – со години пред овој жанр воопшто да се појави во Америка!
Погледнете го неговиот легендарен настап во продолжение и обидете се да не заиграте на овој заразен ритам (иако нема да разберете ниту еден збор!):
Кој е всушност Адријано Челентано? Од часовничар до крал на италијанската поп-култура
За да сфатиме како му успеа овој трик, мора да го запознаеме човекот зад очилата за сонце. Роден во Милано во 1938 година, Челентано пораснал во скромно семејство. Неговите родители се доселиле во Милано во потрага по подобар живот и работа од сиромашниот југ на Италија – поконкретно од градот Фоџа во регионот Пулија (Апулија).
Како момче, тој воопшто не сонувал за слава – го напуштил училиштето на 12 години и почнал да работи како чирак кај еден часовничар. Таа прецизност и смисла за секунди и ритам подоцна брилијантно ќе ги преточи во неговата уметност.
Неговиот живот целосно се менува кога го открива американскиот рокенрол на Елвис Присли. Набрзо станува првиот човек што го носи овој бунтовнички звук во Италија. Поради неговиот специфичен, еластичен начин на играње и движење на сцената, јавноста му го дава прекарот „Molleggiato“ (Човекот на федери).
Филмска кариера: Италијанскиот шармер на големото платно
Челентано не беше само музичар, туку и мегапопуларен актер и режисер со снимени дури 39 филмови. Неговиот неверојатен комичен тајминг и груб, но неодолив шарм го направија филмска икона во 70-тите и 80-тите години.
- Неговата најпозната улога е во култната комедија „Инаетливиот вљубеник“ (Il bisbetico domato, 1980), каде глуми лудо заљубен фармер покрај прекрасната Орнела Мути.
- Исто така, тој се појавува во едно од најголемите ремек-дела на светската кинематографија – филмот на Федерико Фелини, „Сладок живот“ (La Dolce Vita), каде го глуми самиот себе.
Најзначајните песни кои ја одбележаа историјата
Челентано зад себе има кариера со продадени неверојатни 150 милиони албуми. Негови најголеми музички ремек-дела се:
- „Azzurro“ – Песна која стана неофицијална втора химна на Италија и се пее насекаде.
- „24.000 baci“ (24.000 бакнежи) – Неговата рокенрол класика со која го освои фестивалот во Санремо. Интересно е што оваа песна имаше огромно влијание и на просторите на поранешна Југославија. Имено, токму оваа песна е главниот музички белег во дебитантскиот филм на Емир Кустурица „Се сеќаваш ли на Доли Бел?“ (1981). Сигурно се сеќавате на антологиската култна сцена каде еден од ликовите (Дино), облечен во морнарска маица, пред огледало фанатично ја вежба и ја пее токму „24.000 baci“ обидувајќи се да ги имитира движењата на Челентано!
- „L’emozione non ha voce“ – Една од најубавите и најемотивните италијански балади на сите времиња, снимена кон крајот на 90-тите.
Интересни факти за иконата
- Љубов за цел живот: Повеќе од 60 години е во брак со актерката и продуцентка Клаудија Мори. Тие се венчаа тајно, во 3 часот по полноќ во 1964 година, за целосно да ги избегнат папараците.
- Страст кон часовниците: Дури и на врвот на светската слава, негово хоби остана поправањето на стари часовници во неговата куќа.
- Жива легенда: Адријано Челентано е сè уште жив, во своите доцни 80-ти години. Тој живее повлечен и мирен живот во својата прекрасна вила. Ретко се појавува во медиумите, но неговиот генијален дух и влијание врз светската музика остануваат вечни.



